Обични луѓе

Е35 – „Синестезија: зборови како бои, броjки како спирали“

Каква боја ви има има зборот „секогаш“? Дали буквата С е во машки или во женски род? Можете ли да пресметувате на памет, служејќи се со низа бројки во спирала? Ако одговорот е да, тогаш имате облик на синестезија, оваа епизода е токму за луѓето како вас. Ако одговорот е не, ѕирнете во живописниот свет на синестетите.

Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.

(оригинална музика)

Илина:
Далечната 9-та епизода од овој подкаст беше посветен на феноменот на афантазија, неможноста за визуелно замислување, која го отежнува препознавањето лица и снаоѓањето во простор. Оваа, 35-та епизода, ја посветуваме на спротивното – синестезија, спојување на ефекти на повеќе сетила во едно.

(Common People)

Jaс сум Илина Јакимовска. Во оваа епизода на подкастот „Обични луѓе“ зборуваме со Марко Петрушевски, кој до својата триесетта година мислел дека се сите како него. Дека и тие гледаат букви и зборови како бои и памтат настани со тоа што ги сместуваат на ментална спирала. Дали ова за него е супер моќ или се уште нешто нормално? Бидете така.

(звуци – гужва на изложба)

Со Марко се запознав случајно, на изложба на заеднички пријатели во спарната атмосфера на Чифте амамот. Сцените од видео инсталациите се прелеваа со звуци, а џагорот на присутните ја обојуваше атмосферата. Муабетот некако сврте на претходна епизода на овој подкаст, оној за афантазијата. „Јас го имам обратното“, рече Марко и почна да ја опишува својата синестезија. Веднаш се знаеше дека ќе ми биде следен соговорник.

И местото на следниот разговор беше некако симболичен – книжарницата Буква, збор кој за мене асоцира на црно, веројатно поради црното мастило со кое се печатени. Но асоцијациите на Марко не функционираат вака, со свесни асоцијации и мислење.

Марко:
Се работи за синестезија. Тоа е кога две сензорни регии во мозокот се меѓусебно поврзани. Се поврзуваат. Дали… сега научниците уште не знаат дали за време на детството, или претходно или е поврзано со генетска мутација, не се знае. Но е тоа, кога две регии во мозокот сензорни се меѓусебно поврзани и си помагаат најверојатно.

Првпат забележав и обично е така со синестетите, забележуваат кога ќе видат дека всушност другите ја немаат таа способност. Јас за себе открив на триесет и нешто години дека ја имам. До тогаш си мислев дека сите луѓе ја имаат и дека така резонираат…

Илина: Дека е нормално.

Марко: Да. Дека е тоа нормално, да.

Едноставно така сум роден. Потекнувам од уметничка фамилија. Татко ми беше актер и сликар и можда има нешто негово кое што се пренесло и направило и своја некоја адаптација во умот да се случи да тие две регии стапат у контакт некаков, не знам, сензорни.

Илина:
Секој синестет има свое, субјективно доживување на својата состојба. Каков вид синтестезија има Марко?

Марко:
Па има неколку главни и другите се мислам дека поттипови нивни. Јас имам две главни и еден таков поттип што неодамна го открив исто така. Првата се нарекува Grapheme number, колор бројчана каде што бројките и буквите и зборовите се во одредена боја тоест човекот ги претставува во одредена боја. Вториот тип е спатијалната каде што бројките и буквите, месеците, годините, ситуациите, годините се сместени во просторот. Обично е спирала, кај мене е спирала во просторот и на тој начин најверојатно помага да… помага човекот да ги памти поубаво работите, да калкулира, да манипулира со нештата и така.

Илина:
Иако во својата глава има прецизна претстава за нештата, кога треба да ги објасни и вербализира на Марко понекогаш му е тешко да ги најде вистинските зборови. Често морав да го допрашувам за детали за да ми стане јасно. Сепак, доживувањата на синестетот за оној кој ја нема оваа состојба остануваат во голем дел мистерија.

Марко:
Но во случајот спатијалната синестезија кај мене ми помага годините да бидат да речеме… годините да бидат распоредени во таа спирала и да можам точно да ја отворам секоја година како фајл и да се отворат сите моменти, ситуации кои што ми се случувале и да видам… и да знам точно што се случило во која година, да речеме. И тоа многу лесно го правам без никаков напор уште од дете. И се прашувале луѓето како можам да памтам толку работи. Јас викам – како можеш да не памтиш години? Ама не сум знаел дека другите го немаат тој дел… мислам таква перцепција, таква апстрактна проекција.

Илина: Значи како во фолдери ти се подредени по години и по настани.

Марко: Па не се како фолдери. Едноставно во просторот има една спирала каде што се сместени годините.

Илина: (се смее) Добро.

Марко: И сега кога ќе… и јас слободно се движам по таа спирала. Можам да скокам од еден дел на друг многу брзо и ко ќе стигнам до таа година едноставно таму се отвараат сите ситуации, како на проектор, како филм едноставно.

Илина: Што значи и за добро и за лошо тоа.

Марко: И за добро и за лошо, да.

Илина: А можеш да речеш – прескокнувам оваа година…

Марко: Не можеш да прескокнеш, не. (се смее)

Илина: Нема автоцензура.

Марко: Нема, нема прескокнување, да. И едноставно секогаш си стои таа ситуација на тоа место и таа година на тоа место на спиралата.

Илина:
Интересно е како синестетите се препознаваат меѓусебно. Најчесто случајно.

Марко: