Обични луѓе

„ТЕА, ДЕВОЈКАТА СО КОКТЕЛИТЕ“

ЕПИЗОДА 33 – Tранскрипт

Во ова издание зборуваме со Теодора Николиќ, која неодамна победи на 15-тото државно првенство на бармени на Македонија и ќе нè претставува на Светското во Португалија. Во текот на подготовката на оваа епизода се отвори и „Моно“ – коктел бар за којшто таа го има осмислено концептот и специјалните коктели. Прво слушнете ја епизодата, а потоа дојдете да наздравиме со едно „хараџуку“.

Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.

Muzika – Cassiopea (јапонска фјужн група од 1970-тите)

Илина:

До скоро моето познавање на коктели се состоеше од мешање џин со тоник или – покомплицирано – правење Аперол шприц.

Но откако вработената во маалската продавница за алкохол ми го препорача реалното шоу „Дринк мастерс“ на Нетфлис, светот одеднаш се смени. Сфатив дека има нешто што се викало инфузирање, дека постоjaт шишенца со пипета со горчливи капки – битерси, дека некои комбинации трпaт тресење a други само нежно мешање. Наскоро почнав да претворам унци во милиграми и преку пријатели да нарачувам пијачки од странство што ги нема кај нас. Кујната почна да личи на бар, а алкохолот стана нешто со што можеш да креираш, да раскажуваш приказни.

(Common People)

Јас сум Илина Јакимовска, а ова е 33-тата епизода од подкастот Обични луѓе.

Велат дека секој коктел е онолку добар колку што е добра неговата најлоша состојка. Но дури и одлични состојки можат да звучат како раштиман оркестар ако не се погодат нивните пропорции и вкусови. Коктел мајсторот оттаму треба да е по малку и хемичар и уметник и зен-мајстор. А исто така помага ако е – психолог.

Во ова издание зборуваме со Теодора Николиќ, дипломиран психолог и коктел мајстор, која неодамна победи на 15-тото државно првенство на бармени на Македонија и ќе нè претставува на Светското во Португалија. Во текот на подготовката на оваа епизода се отвори и „Моно“ – коктел бар за којшто таа го има осмислено концептот и специјалните коктели.

Теодора:
Па прво почнав да работам како келнерка. Имав петнаесет години и отвори мајка ми бар, „Коузи бар“, не знам дали сте биле. И на отварањето работев како перач на чаши внатре во шанк. И се појави една девојка, Јана, која што тогаш беше шефица во „Кантина“… „Кантина“ е во Дебар маало еден локал и ме праша – дали си лав во хороскоп? И јас ѝ реков – да. И она ми рече – ќе работиш у „Кантина“? Јас ѝ реков – океј (се смее). И сега ова навидум изгледа многу смешно ама така уствари почнав со работа во „Кантина“. Почнав да работам како келнер. И ако Јана слуша у моментов ќе знае дека ја убивав да работам во шанк. Значи толку ја молев, преголема желба имав и цело време ги гледав луѓето шо работат во шанк и после некое време едноставно се случи.

Илина:
Исто како што познатите готвачи често знаат да ни ги скршат илузиите за гламурозноста на нивната професија, и Теа е реална околу тоа што е најважно кога работиш зад шанк.

Теодора:
Би рекла дека осумдесет посто од работата во шанк е чистење и одржување хигиена и за мене е најбитното нешто во однос на работни обврски во шанк заради тоа што е како еден вид на дом (се смее) шо се десет квадрати, еве најмногу нека се десет, во кој што работат максимум шес луѓе. И ако не се одржува хигиената е исто како да не си го одржуваш домот. Затоа шо си секој ден таму, секој ден….

Илина:
Дека правењето коктели има врска со готвење покажува и самата инспирација на Теа да почне да се занимава со оваа работа.

Теодора:
Во однос на коктелите и комбинирање на вкусови и баланс на повеќе супстанци мислам дека тоа повеќе доаѓа од мајка ми и татко ми поради тоа шо и двајцата готват премногу… и брат ми готви. Мислам брат ми е помал од мене ама сепак вреди да се спомне дека е нешто шо тече низ гените. И они двајца многу различно готват у принцип. Татко ми е повеќе експериментален, на пример карикирам, прави равиоли внатре полнети со спанаќ и сирење во сос од печени јаболки и тикви, со рикота, ореви и магдонос или босилек. Такви работи. А мајка ми ја прави најдобрата леќа шо можам да… (се смее), шо сум ја пробала некогаш во животов. Така да не знам, веројатно од нив… од нив, од нешто што потекнува од нив. Ама никогаш не сум следела на пример рецепти на интернет, нормативи кои што се пишани како такви и мора да се почитуваат како конкретни… никогаш не сум го правела тоа.

Илина:
Дали Теодора повеќе се смета за „аптекарски“ тип миксолог, кој строго се држи до рецептите или е повеќе фри-стајл? Како ги смислува новите коктели?

Теодора:
Па ако правиме муабет за класични коктели, сите се по рецепта. Мислам секако барменството потекнува од тие класични моменти и фала шо постојат класиците. Ама во однос на експресија мислам дека не може да е толку статично нештото, дека мора, мора да се експериментира, мора да се пробува. Мора твои моменти, дух да внесеш и воведеш во однос на менување на тие класични нормативи, внесување на дополнителни работи кои што ги изменуваат класичните нормативи.

Имам преку двеста коктели напишано (се смее) зашо ми доаѓаат… мислам не ги очекувам моментите на креација, едноставно се случува. Одам по улица и ќе ми текне, сега ќе инфузирам шафран со текила и ќе си пишам на овакво на ноутс или на тетратка, на ливче, на салфетка, на било шо и по