goce.mk

Goce.mk

Подкаст на goce.mk

  1. 3D AGO

    Мојот Став: Осми март со црна лента

    Јас сум Даница, а ова е мојот став:  Годинава Осми март нека биде со црна лента.По сè што се случува, лицемерно е да зборуваме за почит кон жената додека реалноста стои пред нас. Зад честитките и букетите има приказни што не завршуваат со насмевка. Има домови во кои празникот не носи радост, туку тишина. Има мајки што палат свеќи за ќерките што требало денес да ги прегрнат. Низата трагедии што им се случуваат на жените поради семејно насилство открива сурова вистина: општеството реагира дури кога веќе е предоцна.  Семејното насилство не е „семејна работа“. Тоа е страв што живее во сопствениот дом. Страв што се крие зад затворени врати и премногу често останува невидлив за сите други. Колку жени молчеле со години? А кога конечно проговориле, колку институции навистина слушнале? Реакцијата најчесто доаѓа предоцна, кога животот веќе е изгубен, а насловите стануваат сензација. Потоа следуваат соопштенија, жалење и ветувања за истраги. Зборови и само зборови. Последниве години жените сè почесто стануваат бројки, иако се нечии ќерки, мајки и сестри, нечии светови. И токму затоа Осми март за многумина не е ден за славење. Тешко е да подариш букет кога знаеш дека некаде некоја жена вечерва ќе заспие со страв од чекорите зад вратата. Празникот станува парадокс. Додека едни наздравуваат по ресторани, други се борат со трауми. Додека говорите се полни со фрази за рамноправност, реалноста покажува дека најопасното место за една жена понекогаш е сопствениот дом. Затоа можеби годинава, наместо само ружи, треба да носиме и црна лента како знак на жал, солидарност и протест против рамнодушноста. Вистинската почит кон жената не се покажува со подарок што ќе овене за два дена. Таа се покажува со систем што нема да дозволи ниту една жена да живее во страв. Осми март треба да биде ден кога жените се чувствуваат безбедни, а не само прославени. Во спротивно, ружите се само украс врз една болна вистина. А ниту еден празник нема вистинска смисла ако зад него стои страв.

    3 min
  2. FEB 20

    Мојот Став: Митот наречен социјална правда

    Јас сум Даница, а ова е мојот став:  Постои еден збор што во Македонија се употребува почесто од „добар ден“, а се разбира поретко од тишината што следи по него. Тој збор е: “социјална правда”.Го слушаме во говори, го читаме во програми, го гледаме во предизборни плакати како ветување што секогаш доаѓа утре. А утрето, како што знаеме, е најдолгиот ден во македонската историја: никогаш не пристигнува. Социјалната правда, барем во својата суштина, не е идеологија. Таа е морална интуиција. Децата инстинктивно знаат што е неправда кога едно од нив добива две чоколади, а друго ниедно. Но возрасните, за чудо, стануваат филозофи токму кога треба да ја видат очигледната нерамнотежа.Во нашето општество, правдата често се меша со еднаквоста. Ама тие не се исто. Еднаквоста вели: сите стојат на иста линија. Правдата прашува: кој стигнал до линијата бос, а кој со автомобил? Кој растел во дом каде што книгата била секојдневие, а кој во дом каде што сметките биле поважни од образованието? Кој конкурира со диплома, а кој со „препорака“? Да, според Уставот, Македонија е социјална држава. Тоа е убаво напишана реченица која би можела да стои и во поетска збирка. Но, државите не се мерат според убавината на речениците, туку според тоа колку луѓе можат да живеат достоинствено без да бараат врски, милост или билет во еден правец.Кога млад човек со просек што заслужува почит, чека конкурс што со месеци не се распишува, додека работното место веќе има „неофицијален“ сопственик и кога медицински преглед се забрзува со телефонски повик, а не со медицинска итност,  тогаш социјалната држава станува писание на хартија. Нашиот најголем парадокс е што сите зборуваме за правда, но ретко за достоинство. А без достоинство, социјалната правда станува обичен лист, формулар, печат или редови пред шалтери каде што човекот постепено се претвора во број. Кога човек со години работи и сепак живее од плата до плата, а цените растат побрзо од платата, тогаш неправдата не е филозофски поим, туку начин на преживување. Нееднаквоста кај нас не е само економска: таа е и психолошка. Едни веруваат дека иднината им припаѓа, други дека мораат да ја напуштат за да ја најдат. Кога млад човек повеќе верува во билет во еден правец отколку во сопствената диплома, тогаш проблемот не е само економски, туку цивилизациски. Тоа е моментот кога државата не губи само работна сила, туку самодоверба. Социјалната правда не се создава со милостина, туку со систем што не бара херои за да функционира нормално. Општеството не треба да преживува благодарение на добри луѓе, туку благодарение на добри правила. Правила што важат подеднакво за оној со функција и за оној без врски, за оној со моќ и за оној со молба. И можеби тука е поентата: правдата не почнува во парламентот, туку во свеста дека другиот човек не е пречка, туку мерка за нашата човечност.Зашто држава без социјална правда е како книга со прекрасна корица и празни страници. Однадвор ветува смисла, а одвнатре одекнува празнина. Во основа, дилемата не е дали Македонија има социјална правда. Дилемата е: дали сме подготвени да ја препознаеме кога ќе бара од нас нешто повеќе од зборови.И можеби токму тогаш, кога ќе престанеме да ја изговараме, а ќе почнеме да ја живееме, таа конечно ќе престане да биде тема за дискусии.

    4 min
  3. FEB 16

    Мојот Став: Колку е “високо” високото образование во Македонија?

    Јас сум Даница, а ова е мојот став:  Во Македонија високото образование последниве денови се мери. Се мери со нов закон, со нови бодови, со нови критериуми, со нови табели. Се мери толку многу што човек би помислил дека конечно сме ја нашле формулата за квалитет.Само што никој не знае каде е метарот. Колку сантиметри тежи еден професор?Колку милиметри вреди еден труд?Колку килограми има импакт-факторот? Ако ги читате документите, ќе помислите дека знаењето е нешто што се става на вага:шест или седум трудови, одреден број бодови, индексираност, реизбор на секои седум години.Формула плус формула плус формула – и ете ти квалитет. Арно ама, Универзитетот не е фабрика за шајки. Да, има професори кои што со години се кријат зад стара слава и пожолтени скрипти.Да, системот мора да се чисти од инерција и мрзеливост. Но, ако единствената мерка за академска вредност стане бројот на PDF-фајлови прикачени во некоја база, тогаш ќе произведеме шампиони во објавување – и аматери во предавање. И тука е суштината. Може професор да има десет трудови во меѓународни списанија, а на предавање да звучи како да чита упатство за бела техника.Може да има блескаво CV, а ниту еден студент да не му запамети реченица. А може и обратното, некој со помалку бодови да разбуди интерес и љубопитност кај генерации. Кој систем го мери тоа? Новиот закон сака да донесе ред. Редот е добар, ред ни треба.Но ред без љубов и желба станува администрација.А, администрацијата знае да прави табели, но, не и инспирација. Високото образование не е високо затоа што има дебели папки во архивата Прашувајте се едно: што всушност сакаме да измериме?>Ако сакаме рангирање, ќе добиеме рангирање.>Ако сакаме извештаи, ќе добиеме извештаи.>Ако сакаме европски стандарди на хартија, ќе ги добиеме. Но, ако сакаме млади луѓе што знаат да мислат, да сомневаат, да создаваат…тоа не се мери со шублер. Високо е затоа што те тера да погледнеш повисоко од себе, да размислуваш подлабоко од насловот, да поставуваш прашања што никој не сака да ги чуе. Во моментов изгледа како да сме решиле да ја измериме висината на планината според дебелината на папката во архивата. Високото образование не е високо затоа што има дебели папки во архивата Реформата можеби ќе донесе квалитет. Можеби ќе исфрли инертност. Можеби ќе создаде конкуренција. Но, ако внимаваме само на бројките, ќе почнеме да произведуваме научници што пишуваат за да преживеат – наместо професори што предаваат за да создадат. А знаењето?Тоа и понатаму нема да има мерна единица. И можеби е добро што е така.Зашто ако некогаш почнеме да го мериме во сантиметри, ќе значи дека сме го намалиле.

    3 min
  4. FEB 6

    Мојот Став: Што точно извезуваме од Македонија?

    Со години зборуваме за „одлив на мозоци“ и веќе ни стана излитена фраза.Ја користиме механички, како временска прогноза: младите си одат, државата старее, сите ги свиваме рамениците и продолжуваме понатаму. Како да е природна појава, а не политички и институционален пораз.А потоа, одеднаш, во вести читаме дека “од Северна Македонија со години биле испраќани вистински човечки мозоци во странство, за научни истражувања”. Буквално. И тука, за првпат, метафората престанува да биде метафора.Оваа приказна сама по себе не мора да биде скандал. Научната соработка, донацијата на биолошки материјал, истражувањето на тешки психијатриски и невролошки состојби-сето тоа постои насекаде во светот. Проблемот не е во науката. Проблемот е во контекстот и во државата што не умеe да објасни ништо без прво да биде притисната од медиуми, јавност или случајност. Затоа и реакцијата беше толку бурна. Не затоа што некој открил дека постои наука, туку затоа што луѓето сфатија дека нешто суштинско се случувало, а тие немале поим. Истата таа држава што не може да задржи млад лекар, инженер или научник, испраќала мозоци на починати лица во странски лаборатории, без притоа да развие сопствен капацитет, институционална меморија или јавна дебата за тоа. Во таа смисла, врската со аферата околу Jeffrey Epstein не е толку во самиот човек, колку во системот што го олицетворува. Мрежи на моќ, пари и елитна наука што функционираат далеку од очите на јавноста, со минимална одговорност кон „малите“ држави што учествуваат во нив. Кога едно такво име ќе се појави во документи, нормално е луѓето да се запрашаат: “дали ние навистина знаевме во што сме вклучени или само сме биле тивок добавувач?” И тука двете приказни, одливот на млади луѓе и испраќањето човечки мозоци,  се спојуваат во една непријатна вистина. Македонија премногу често е извор, а премалку субјект. Даваме луѓе, даваме материјал, даваме потенцијал, а за возврат добиваме празни болници, факултети без кадар и чувство дека сè важно се случува некаде на друго место. Младиот човек што заминува во странство не го прави тоа од омраза кон државата, туку од замор. Од истото чувство од кое заморени институции прифаќаат улога на нем набљудувач, наместо активен партнер. Во двата случаи, резултатот е ист: празнина. Највознемирувачко во целата приказна не е дали нешто било легално или не. Тоа ќе го утврдат институциите, ако навистина си ја завршат работата. Вознемирувачко е што никој не чувствувал потреба да ѝ објасни на јавноста што точно се прави, зошто се прави и што добива државата од тоа. Како да се подразбира дека не треба да прашуваме. А можеби токму тука е суштината на проблемот. Од Македонија заминуваат младите со надеж дека некаде ќе бидат ценети. А заминуваат и мозоците на починатите, тивко и административно, како уште една пратка. Заедничкo е што во двата случаи државата не покажува дека знае што губи или дека ја интересира. И додека не почнеме да си ги поставуваме тие прашања гласно, ќе продолжиме да извезуваме сè што вреди, а да се чудиме зошто дома останува празно.

    4 min
  5. JAN 30

    Мојот Став: Чекајќи поголема плата

    Јас сум Даница, а ова е мојот став:  Во средата поминував низ центарот на Скопје и налетав на протест.Свирчиња, транспаренти и луѓе што бараат повисоки плати. Застанав неколку минути ама повеќе од љубопитност отколку од намера да се приклучам.Гледајќи наоколу, во еден момент си помислив: каде се младите? Не дека ги немаше воопшто, само ги немаше доволно. А баш ние треба најмногу да се нервираме околу платите.После тоа им пишав на неколку другари.Еден работи по осум часа за плата која што исчезнува некаде на средина од месецот. Кога го прашав дали би останал тука долгорочно, ми врати кратко: „За оваа плата секако дека не.“ Друга другарка ми рече нешто што ми остана во глава:„Не очекувам да се збогатам, само сакам да можам да си ја платам киријата на време, без страв.“ Имам и пријател што заработува сосема пристојно за наши услови, а пак учи германски. Не брза да си оди, ама сака да има избор.„Полесно се дише кога знаеш дека не си заглавен.“-ми рече. И тука некаде сфатив дека можеби младите не протестираат затоа што не веруваат дека нешто ќе се смени доволно брзо.Постарите се борат за повисоки плати, младите се борат за можност да заминат. И тоа не е иста борба. Нашите родители бараа сигурна работа. Ние бараме сигурен живот. А разликата меѓу тие две работи е поголема отколку што сакаме да си признаеме. Често слушаме дека младите се пасивни, дека не ги интересира што се случува околу нив. Искрено, не мислам дека станува збор за апатија, туку повеќе е до “математиката”.Кога ќе ги собереш киријата, сметките, храната и превозот, математиката станува брутално јасна.И тогаш протестот почнува да изгледа како долга и неизвесна битка, а авионскиот билет како пократок пат до нормален живот. Најтажното е што многумина не сакаат да си одат, само не сакаат постојано да се откажуваат од патувања, од самостојност, од планови, од иднината што ја замислувале. Колку треба да изнесува платата за еден млад човек да престане да размислува за заминување? Не знам точна бројка. Но знам дека не е доволна плата од која мораш да го „крпиш“ животот наместо да го живееш. Затоа прашањето одамна не е само економско. Станува лично.Што вреди ако платите пораснат за неколку години ако дотогаш половина генерација веќе ја нема? Можеби најгласниот аларм не се свирчињата на протестите, туку тишината на автобусите и авионите што заминуваат во еден правец.И можеби е време да престанеме да се прашуваме зошто младите си одат, и конечно да почнеме да се прашуваме што би ги натерало да останат.

    3 min
  6. 12/26/2025

    Мојот Став: Загадувањето како изговор

    Јас сум Даница, а ова е мојот став:  Загадувањето во Македонија одамна не е проблем. Тоа е алиби. Со години ни служи како совршено оправдување: зошто институциите не функционираат, зошто здравството е преоптоварено, зошто сме уморни, нервозни и без енергија, зошто секојдневието ни изгледа потешко отколку што треба да биде. „Не е до нас, до воздухот е.“И навистина-до воздухот е. Ама не само до него.Воздухот е загаден, но уште позагадена е логиката со која го користиме како изговор.   Загадувањето стана удобна магла зад која сите се кријат, доволно густа за да ја замагли одговорноста, доволно долготрајна за да престане да предизвикува револт. Политиката се крие зад оправдувањето дека „е комплексно“ и дека бара време, стратегии и трпение.Општините се кријат зад тврдењето дека „граѓаните се виновни“, како да немаат надлежности, моќ и обврска да делуваат.Граѓаните се кријат зад убедувањето дека „ништо не зависи од нив“, па неучеството станува најлесната форма на учество. Сите сме во право. Сите имаме причина. И токму затоа ништо не се менува.Загадувањето стана совршен систем без виновници. А кога нема виновници, нема ни притисок. Кога нема притисок, нема ни промена. Најопасната честичка во македонскиот воздух не е PM2.5. Туку чувството дека ова е максимумот што можеме.Дека подобро од ова не постои. Дека секое барање за нормалност е претерување. Дека живот со достоинство е амбиција, а не основно право.Кога ќе прифатиш дека е нормално да не се дише, лесно прифаќаш и дека:– е нормално да се чека со години за правда,– е нормално системите да доцнат,– е нормално младите да си одат,– е нормално државата да не ти должи ништо,а ти да ѝ должиш трпение, лојалност и молк. Загадувањето не нè гуши само физички. Нè тренира психолошки. Нè навикнува да имаме ниски очекувања.Да не се лутиме премногу. Да не прашуваме премногу. Да не бараме премногу. И тука е вистинската катастрофа.Зашто кога ќе се навикнеш на лош воздух, се навикнуваш и на лоша држава.На нефункционални институции. На постојано „утре“. На живот во кој минимумот се претставува како луксуз.А чистиот воздух не е луксуз. Не е политичка програма. Не е европски сон.Тоа е минимум.И држава што не може да го обезбеди минимумот, многу тешко ќе убеди некого да остане за „подобра иднина“. Особено кога таа иднина постојано се најавува, се одложува и никогаш целосно не пристигнува. Загадувањето, на крајот, не е само во воздухот. Туку во прифаќањето дека вака мора да биде. А додека тоа прифаќање трае, маглата ќе остане и над градовите, и во главите.

    3 min
  7. 12/19/2025

    Мојот Став: Продадена слобода со вкус на ментол

    Јас сум Даница, а ова е мојот став: Никој од младите денес не почнува да пуши затоа што сака да мириса на чад.Почнува затоа што некој многу паметно му продал приказна: дека ова е избор, стил, контрола. Дека не е како „старите цигари“. Дека е почисто, попаметно, поново. Со вкус на ментол. Или боровинкаИ едно браво за тој некој. Успеал да направи „нов“ генерациски бизнис.Никотинот никогаш не бил поубаво спакуван, поубаво именуван и поубаво прилагоден за да изгледа како нешто што ти го избираш, а не нешто што те бира тебе.Електронските цигари не се проширија затоа што младите одеднаш се заинтересираа за здравјето.Се проширија затоа што некој сфати дека ако им го смениш обликот, бојата и мирисот, можеш да им ја смениш и репутацијата.И успеа. Денес не гледаш „пушачи“. Гледаш луѓе кои што „користат само уред“.Не гледаш зависност. Гледаш уред.Не гледаш проблем. Гледаш вкус. И сите ја повторуваат истата реченица:„Јас контролирам.“ Тоа е најдобриот продаван слоган што никотинот некогаш го имал. Ајде да бидеме искрени:ако навистина контролираш, зошто ти треба на секои два часа?Зошто ти смета кога ќе го заборавиш?Зошто првата работа по кафето е вкусот на ментол во облик на чад? Младите се првата генерација која расте во свет каде секоја навика е оптимизирана да стане зависност... од скролање, до никотин.Сè е дизајнирано да изгледа како избор, а да функционира како потреба. И тука државата влегува погрешно.Со забрани што доаѓаат доцна, со казни што звучат како закана, а не како грижа.Никој не објаснува зошто. Само се повторува: „не смее“. И кога на млад човек ќе му кажеш „не смее“, автоматски ќе си помисли дека му земаш нешто.А всушност, некој друг веќе му го има земено вниманието, здравјето и парите. И за жал, ова е борба против приказната дека зависноста е слобода ако е доволно убаво спакувана. Никој не вели дека сите мора веднаш да престанат.Ама време е барем да престанеме да се лажеме. Ако нешто мора да се препакува, заслади и продава како слобода,тогаш не е создадено за твое задоволство, туку за туѓ профит. Слободата не доаѓа со вкус.И не свети.И не бара полнач. Зашто ако ова навистина беше твој избор,немаше толку многу пари да се трошат за да те убедат дека ти бираш.

    3 min
  8. 12/12/2025

    2:0 службено за Мозочниот Одлив: Македонија игра одбрана без играчи

    Јас сум Даница, а ова е мојот став: Понекогаш имам чувство како Македонија да игра фудбалски натпревар со самата себе, и пак да губи.2:0-службено за Мозочниот Одлив. Не е дека младите не ја сакаат земјата.Напротив. Ја сакаат премногу за да останат во брак со систем што ги малтретира.Па си заминуваат. И секој што се качува на автобус за Германија ја има истата мисла:„А бе, можеби оваа земја не е глупава… ама сигурно мисли дека ние сме глупави.“ Иронично е тоа што Македонија не е со ниско IQ, таа само така изгледа кога најпаметните бегаат. Знаете што се случува со клас кога најдобрите ученици се префрлуваат во друго училиште?Остануваат само тие кои се обидуваат да преживеат меѓу хаосот, и професорот што вели:„А бе деца, учете, ќе ви треба во животот.“ Да, ќе ни треба, ама очигледно во друг живот, во друга земја. Младите не бегаат затоа што им е тешко.Бегаат затоа што сфатиле дека овде е нереално тешко без реална причина.Систем што ја наградува послушноста, а го казнува талентот, е систем што буквално сам си го пакува IQ-то во куфер. Иронија број 2 е, што, Македонија не прави ништо да ги задржи талентите, но, се шокира кога ќе си заминат. Секој студент кој дипломира е потенцијален емигрант.Секој млад доктор, ИТ-ец, инженер, дизајнер, е билет за извоз. И додека државата стои со добро познатиот зачуден израз;„Ама зошто заминуваат младите?“Младите одговараат:„Епа… затоа што не сакавме повеќе да не’ водат неспособните.“ Државата сака таленти?Одлично.Да почне со нешто едноставно, како на пример да почне да ги третира како таленти. И на крај, никој не се ни враќа назад. Ова е најстрашното.Не е проблем што луѓето заминуваат, светот е отворен за сите.Проблем е што не гледаат причина да се вратат. Штом еднаш ќе ја почувствуваат разликата меѓу „работа со плата“ и „работа со плата + достоинство“, играта е готова. И за жал, нам ни останува празна трибина.Тим без одбрана.Земја што си дозволува да биде шампион само во извоз на мозоци. И еве ја најболна реченица:Македонија не останува без интелигенција затоа што е глупава земја.Останува без интелигенција затоа што ја пропушта онаа што ја има. И затоа е 2:0 службено за одливот на мозоци. А, ако продолжиме со ова темпо, ќе биде и 3:0, 4:0, се додека не се угасне светлото... Младите не бараат чудо.Бараат нормалност.Плата што не испарува.Систем што функционира.Шанса да успеат без партиска книшка. А додека тоа го нема, мозочниот одлив ќе ја игра најдобрата игра во историјата.

    3 min

About

Подкаст на goce.mk