goce.mk

Goce.mk

Подкаст на goce.mk

  1. Apr 27

    Мојот Став: Образование без редослед

    Јас сум Даница, а ова е мојот став:  Понекогаш навистина доаѓа момент кога човек се прашува дали живееме во некаква симулација, или едноставно сме земја што упорно се убедува дека е „на чекор до Европа“, додека реалноста ни се распаѓа во мали, секојдневни апсурди што веќе никого не изненадуваат. Изминатава недела дознавме дека во Македонија можеш да се запишеш на магистерски или докторски студии и без да ги исполнуваш сите услови.Самата информација звучи како нешто што би требало да биде невозможно во систем кој функционира барем на основно ниво, но кај нас, очигледно, е сосема возможно. Во секој нормален редослед, постојат чекори што не можеш да ги прескокнеш. На пример, не можеш да бидеш возрасен ако претходно не си бил дете, освен ако, се разбира, некој не одлучи дека редоследот е само препорака. И токму тоа се случува кај нас. Додека некој се обидува да игра според правила што мисли дека важат, друг веќе платил за да ги заобиколи. Некој запишал студии, слушал предавања, полагал испити со уверување дека оди напред, за подоцна да дознае дека целиот тој напредок бил илузија, и тоа не поради негова грешка, туку затоа што некој друг одлучил да не си ја работи работата. Факултетот реагираше и ги поништи запишувањата, што формално, тоа изгледа како решение, но суштински, тоа е само потврда дека системот функционира наопаку: прво се прави грешката, па потоа се проверува дали воопшто требало да се направи. Мислам дека ние сме доказ дека правилата се тука за да не се почитуваат. И тука приказната престанува да биде за неколку студенти. Станува приказна за систем што дозволува вакви ситуации да се третираат како административен пропуст, а не како нешто што директно уништува нечии години, труд и пари. Она што, сепак, најмногу загрижува не е самата ситуација, туку отсуството на вистинска реакција на неа, бидејќи наместо изненадување или сериозна јавна дебата, добиваме само кратко негодување што брзо се губи, како ова да е нешто што веќе сме го прифатиле како дел од правилата на игра. Проблемот не е само во тоа што се случило, туку во тоа што ваквите ситуации поминуваат без вистинска последица за оние што ги дозволиле, додека товарот целосно паѓа врз оние што верувале дека правилата имаат некакво значење. Оттука, прашањето повеќе не е како дошло до ова, туку зошто воопшто продолжуваме да се однесуваме како да постои систем што нè штити од вакви апсурди, кога искуството постојано ни го покажува спротивното. Ако образованието треба да биде темел, тогаш барем би требало да постои сигурност дека тој темел е проверен пред некој да почне да гради врз него, а не да се утврдува неговата стабилност дури откако конструкцијата веќе почнала да се распаѓа.

    3 min
  2. Apr 11

    Мојот Став: Тешкотијата да се искаже сопствен став

    Јас сум Даница, а ова е мојот став:  Замислете ученик кој по години учење знае да одговори на прашање, но се двоуми кога треба да каже што мисли за нешто, навикнат да го бара точниот одговор и таму каде што се очекува став. Ова за жал, не е само личен впечаток, туку појава потврдена и со истражување на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, според кое најголем проблем за учениците е токму тешкотијата да изразат личен став. Овој резултат, колку и да изгледа загрижувачки, тешко може да се смета за изненадување, бидејќи претставува логична последица на начинот на кој се организира наставниот процес, во кој ученикот уште од најрана возраст постепено учи дека најсигурниот пат до добра оценка не е да размислува, туку да препознае што се очекува да каже, при што оваа стратегија со текот на времето се претвора во навика што го обликува неговиот однос кон знаењето.  Во таква поставеност, вредноста на знаењето се сведува на точноста на одговорот, односно на способноста да се репродуцира веќе утврденото, додека просторот за сопствено толкување формално постои, но суштински останува ограничен и недоволно развиен за да прерасне во вистинска вештина. Ова станува особено видливо во секојдневната училишна пракса, каде што, на пример, на час по литература, наместо да се поттикне ученикот да ја аргументира сопствената интерпретација на текстот, тој брзо учи дека е поважно да ја препознае онаа која се смета за точна, со што постепено се гради образец на размислување во кој сигурноста се поврзува со усогласеноста, а отстапувањето со ризик. Оттука, кога подоцна ќе се побара од ученикот да изнесе личен став, задачата веќе не делува како природен продолжеток на учењето, туку како нешто несигурно, бидејќи мислењето, особено кога се разликува од очекуваното, се доживува како потенцијално погрешно, па изборот да се остане во рамките на веќе понудените одговори станува форма на адаптација, а не показател на неспособност. Иако во вакви ситуации често се посочуваат надворешни фактори како технологијата или социјалните мрежи, ваквите објаснувања остануваат недоволни доколку не се земе предвид дека навиката да се бара точен одговор наместо да се изгради сопствен став се формира токму во образовниот процес, каде што усогласеноста со очекуваното се наградува повеќе отколку обидот за оригинално размислување. Оттука, наместо да се бара одговор кај учениците, поверојатно е дека проблемот треба да се бара во условите во кои тие учат да размислуваат, односно во средина во која отстапувањето од зададениот одговор ретко се толерира, а уште поретко се вреднува, поради што личниот став постепено се повлекува и станува несигурен. Во таков контекст, повикувањето на критичкото размислување како клучна цел на образованието звучи повеќе декларативно отколку реално, бидејќи тоа не произлегува од повторување на точни одговори, туку од простор во кој прашањето, сомнежот и интерпретацијата се прифатени како дел од процесот на учење, што значи дека, кога таков простор изостанува, резултатите од ваквите истражувања не се изненадување, туку очекуван исход од систем кој ги насочува учениците кон тоа да го препознаат она што веќе е кажано, наместо да формулираат нешто свое.

    4 min
  3. Mar 31

    Мојот Став: "Феноменот" на крадење во Македонија

    Јас сум Даница, а ова е мојот став: Крадење во Македонија не е нешто ново, ама сепак е феномен.Од толку академски граѓани, доктори на науки, магистри, среќни бракови, воспитани деца, чудно е како сме дошле до состојба да си дозволиме да се краде од роденденска забава на мајмунче од зоолошка. Можеби обичниот народ си добил инспирација од митото и корупцијата кои се спроведуваат над жителите на Македонија, и притоа се третирани како мајмуни, па токму затоа, некои поединци решиле да почнат да крадат од вистински мајмуни. И баш кога ќе помислиме дека сме го допреле дното, некој ќе земе лопата, за секој случај, да провери дали има уште подолу и ќе сфатиме дека кај нас дното не е фиксна категорија, туку подвижна. Секогаш има уште еден кат подолу.   Не е проблемот што некој украл. Тоа веќе не е ни вест. Вест би било некој да врати нешто. Да најде паричник и да го врати без да се слика за на Фејсбук, е тоа веќе би бил наслов. Ама ние сме си практични луѓе. Ако може да се земе, ќе се земе. Ако не може, ќе се најде начин да може. И таман тука некаде, помеѓу „снаоѓање“ и „крадење“, сме ја изгубиле линијата. Или ја избришавме намерно, за да не нѐ боли кога ќе ја преминеме. Сите знаеме некој што „малку“ краде. И сите знаеме некој што „многу“ краде. Разликата е само во тоа што за едните велиме „снаодлив е“, а за другите „лопов е“. Ама суштината е иста, само скалата е различна. И најјако од сè е што пак ќе седнеме на кафе и ќе се жалиме како ништо не чини. Ќе ги пцуеме тие „горе“, како да не сме дел од истата приказна. Како да не почнува сè од истото место, од она малото „ајде бе, нема врска“. На крај, мајмунот од зоолошка испаѓа најчесниот лик во приказнава. Барем тој не се преправа дека е нешто што не е. Не носи титули, не пишува статуси за морал и вредности, не се фали со дипломи додека со другата рака си полни џеб, а сепак остана без подароци. А ние? Ние сме народ што се гордее со чесност ама во теорија. Во пракса, чесноста ни е како стар мебел: сите велат дека ја сакаат, ама ретко кој ја чува дома. Можеби затоа и не е чудно што крадењето станало феномен. Не затоа што е ретко, туку затоа што станало нормално. А кога ненормалното ќе стане нормално, тогаш веќе не зборуваме за феномен, туку за навика. И таман кога ќе се навикнеме на тоа, ќе сфатиме дека најголемата кражба не е ни паричникот, ни телефонот, ни бананите од мајмунот. Најголемата кражба е што полека ни се украде чувството за срам.

    3 min
  4. Mar 23

    Мојот Став: Ајде да се веселиме

    Јас сум Даница, а ова е мојот став:  Пред некој ден беше светски ден на среќата. Ден кога, барем според календарот, треба да бидеме среќни. Ако не сте, не грижете се, ќе ви објаснат дека проблемот е во вас. Ајде да се веселиме.Да зборуваме за убави работи. На пример, колку е убаво кога цените растат, а платите континуирано стојат. Или колку е прекрасно чувството да чекаш ред, па да дознаеш дека треба уште еден документ, од некоја канцеларија што работи само од 10:15 до 10:45  и тоа само во понеделник. А, ако стигнеш до шалтер, честитки. Системот те препозна како "важен".Ама ајде да не се замараме со ситници. Кој има време за реалност кога имаме оптимизам? Среќата, нели, е избор. Избираш да не гледаш, избираш да не прашуваш, избираш да веруваш дека утре ќе биде подобро исто како вчера.Да се веселиме и кога младите си заминуваат, затоа што, ете, светот е отворен. Не дека бегаат, туку ‘бараат подобри можности’. Убаво звучи, нели? Малку поубав израз и веднаш тагата станува тренд.И кога ќе се врати некој, го прашуваме: „Како е таму?“Наместо да прашаме: „Зошто не остана овде?“Ајде да зборуваме за убави работи.За новите ветувања, старите изговори и вечната надеж дека „само уште малку“ треба да издржиме. Малку по малку, станавме народ што живее во „само уште малку“.Среќата, велат, е во малите нешта. Во кафето наутро, во разговорот со пријател, во сончев ден. И таман ќе поверуваш во тоа, ќе ти стигне сметка што те враќа во реалноста побрзо од било која надеж.И не е проблем што сметката е висока.Проблем е што веќе не те ни изненадува.Но не, не смееме да бидеме цинични. Тоа не е убаво. Треба да се смееме, да споделуваме позитивни мисли, да ставаме филтри на животот, исто како на слика. Малку светлина, малку контраст, и одеднаш сè изгледа подобро.Ајде да се веселиме.Не затоа што навистина имаме причина, туку затоа што така е полесно. Полесно е да се насмевнеш отколку да поставиш прашање. Полесно е да кажеш „ќе биде“ отколку „зошто не е“.И можеби, во целата таа иронија, има една вистина: луѓето навистина сакаат да бидат среќни. Само што среќата не доаѓа од тоа да не зборуваме за проблемите, туку од тоа да почнеме да ги решаваме.До тогаш, ајде да се веселиме.

    3 min
  5. Mar 7

    Мојот Став: Осми март со црна лента

    Јас сум Даница, а ова е мојот став:  Годинава Осми март нека биде со црна лента.По сè што се случува, лицемерно е да зборуваме за почит кон жената додека реалноста стои пред нас. Зад честитките и букетите има приказни што не завршуваат со насмевка. Има домови во кои празникот не носи радост, туку тишина. Има мајки што палат свеќи за ќерките што требало денес да ги прегрнат. Низата трагедии што им се случуваат на жените поради семејно насилство открива сурова вистина: општеството реагира дури кога веќе е предоцна.  Семејното насилство не е „семејна работа“. Тоа е страв што живее во сопствениот дом. Страв што се крие зад затворени врати и премногу често останува невидлив за сите други. Колку жени молчеле со години? А кога конечно проговориле, колку институции навистина слушнале? Реакцијата најчесто доаѓа предоцна, кога животот веќе е изгубен, а насловите стануваат сензација. Потоа следуваат соопштенија, жалење и ветувања за истраги. Зборови и само зборови. Последниве години жените сè почесто стануваат бројки, иако се нечии ќерки, мајки и сестри, нечии светови. И токму затоа Осми март за многумина не е ден за славење. Тешко е да подариш букет кога знаеш дека некаде некоја жена вечерва ќе заспие со страв од чекорите зад вратата. Празникот станува парадокс. Додека едни наздравуваат по ресторани, други се борат со трауми. Додека говорите се полни со фрази за рамноправност, реалноста покажува дека најопасното место за една жена понекогаш е сопствениот дом. Затоа можеби годинава, наместо само ружи, треба да носиме и црна лента како знак на жал, солидарност и протест против рамнодушноста. Вистинската почит кон жената не се покажува со подарок што ќе овене за два дена. Таа се покажува со систем што нема да дозволи ниту една жена да живее во страв. Осми март треба да биде ден кога жените се чувствуваат безбедни, а не само прославени. Во спротивно, ружите се само украс врз една болна вистина. А ниту еден празник нема вистинска смисла ако зад него стои страв.

    3 min
  6. Feb 28

    Мојот Став: Колку чини еден редок живот?

    Јас сум Даница, а ова е мојот став:  Постојат болести што медицината ги нарекува „ретки“. Зборот звучи речиси невино, како нешто што се случува далеку, на маргините на статистиката. Но реткоста е само медицински термин, а човечкото чекање никогаш не е ретко. Да чекаш терапија, да броиш денови наместо иднини, да живееш меѓу надежта и тишината на институциите, тоа е искуство што премногу семејства го познаваат. Ретката болест, на хартија, значи мал број пациенти. Во реалноста, таа значи долга потрага по име за сопствената болка, врати што се отвораат бавно и живот што неочекувано станува зависен од табели, процедури и потписи. Така медицината, која треба да биде наука за спасување, понекогаш се претвора во дом на чекањето.Постоиме во време на чуда што науката ги создава речиси секојдневно. Она што вчера било пресуда, денес е дијагноза со надеж. Болести што некогаш значеле неизбежен крај денес имаат терапија. Но напредокот е чудна работа: тој постои само таму каде што навреме пристигнува. Кога доцни, и чудото ја губи својата смисла.

    3 min
  7. Feb 20

    Мојот Став: Митот наречен социјална правда

    Јас сум Даница, а ова е мојот став:  Постои еден збор што во Македонија се употребува почесто од „добар ден“, а се разбира поретко од тишината што следи по него. Тој збор е: “социјална правда”.Го слушаме во говори, го читаме во програми, го гледаме во предизборни плакати како ветување што секогаш доаѓа утре. А утрето, како што знаеме, е најдолгиот ден во македонската историја: никогаш не пристигнува. Социјалната правда, барем во својата суштина, не е идеологија. Таа е морална интуиција. Децата инстинктивно знаат што е неправда кога едно од нив добива две чоколади, а друго ниедно. Но возрасните, за чудо, стануваат филозофи токму кога треба да ја видат очигледната нерамнотежа.Во нашето општество, правдата често се меша со еднаквоста. Ама тие не се исто. Еднаквоста вели: сите стојат на иста линија. Правдата прашува: кој стигнал до линијата бос, а кој со автомобил? Кој растел во дом каде што книгата била секојдневие, а кој во дом каде што сметките биле поважни од образованието? Кој конкурира со диплома, а кој со „препорака“? Да, според Уставот, Македонија е социјална држава. Тоа е убаво напишана реченица која би можела да стои и во поетска збирка. Но, државите не се мерат според убавината на речениците, туку според тоа колку луѓе можат да живеат достоинствено без да бараат врски, милост или билет во еден правец.Кога млад човек со просек што заслужува почит, чека конкурс што со месеци не се распишува, додека работното место веќе има „неофицијален“ сопственик и кога медицински преглед се забрзува со телефонски повик, а не со медицинска итност,  тогаш социјалната држава станува писание на хартија. Нашиот најголем парадокс е што сите зборуваме за правда, но ретко за достоинство. А без достоинство, социјалната правда станува обичен лист, формулар, печат или редови пред шалтери каде што човекот постепено се претвора во број. Кога човек со години работи и сепак живее од плата до плата, а цените растат побрзо од платата, тогаш неправдата не е филозофски поим, туку начин на преживување. Нееднаквоста кај нас не е само економска: таа е и психолошка. Едни веруваат дека иднината им припаѓа, други дека мораат да ја напуштат за да ја најдат. Кога млад човек повеќе верува во билет во еден правец отколку во сопствената диплома, тогаш проблемот не е само економски, туку цивилизациски. Тоа е моментот кога државата не губи само работна сила, туку самодоверба. Социјалната правда не се создава со милостина, туку со систем што не бара херои за да функционира нормално. Општеството не треба да преживува благодарение на добри луѓе, туку благодарение на добри правила. Правила што важат подеднакво за оној со функција и за оној без врски, за оној со моќ и за оној со молба. И можеби тука е поентата: правдата не почнува во парламентот, туку во свеста дека другиот човек не е пречка, туку мерка за нашата човечност.Зашто држава без социјална правда е како книга со прекрасна корица и празни страници. Однадвор ветува смисла, а одвнатре одекнува празнина. Во основа, дилемата не е дали Македонија има социјална правда. Дилемата е: дали сме подготвени да ја препознаеме кога ќе бара од нас нешто повеќе од зборови.И можеби токму тогаш, кога ќе престанеме да ја изговараме, а ќе почнеме да ја живееме, таа конечно ќе престане да биде тема за дискусии.

    4 min
  8. Feb 16

    Мојот Став: Колку е “високо” високото образование во Македонија?

    Јас сум Даница, а ова е мојот став:  Во Македонија високото образование последниве денови се мери. Се мери со нов закон, со нови бодови, со нови критериуми, со нови табели. Се мери толку многу што човек би помислил дека конечно сме ја нашле формулата за квалитет.Само што никој не знае каде е метарот. Колку сантиметри тежи еден професор?Колку милиметри вреди еден труд?Колку килограми има импакт-факторот? Ако ги читате документите, ќе помислите дека знаењето е нешто што се става на вага:шест или седум трудови, одреден број бодови, индексираност, реизбор на секои седум години.Формула плус формула плус формула – и ете ти квалитет. Арно ама, Универзитетот не е фабрика за шајки. Да, има професори кои што со години се кријат зад стара слава и пожолтени скрипти.Да, системот мора да се чисти од инерција и мрзеливост. Но, ако единствената мерка за академска вредност стане бројот на PDF-фајлови прикачени во некоја база, тогаш ќе произведеме шампиони во објавување – и аматери во предавање. И тука е суштината. Може професор да има десет трудови во меѓународни списанија, а на предавање да звучи како да чита упатство за бела техника.Може да има блескаво CV, а ниту еден студент да не му запамети реченица. А може и обратното, некој со помалку бодови да разбуди интерес и љубопитност кај генерации. Кој систем го мери тоа? Новиот закон сака да донесе ред. Редот е добар, ред ни треба.Но ред без љубов и желба станува администрација.А, администрацијата знае да прави табели, но, не и инспирација. Високото образование не е високо затоа што има дебели папки во архивата Прашувајте се едно: што всушност сакаме да измериме?>Ако сакаме рангирање, ќе добиеме рангирање.>Ако сакаме извештаи, ќе добиеме извештаи.>Ако сакаме европски стандарди на хартија, ќе ги добиеме. Но, ако сакаме млади луѓе што знаат да мислат, да сомневаат, да создаваат…тоа не се мери со шублер. Високо е затоа што те тера да погледнеш повисоко од себе, да размислуваш подлабоко од насловот, да поставуваш прашања што никој не сака да ги чуе. Во моментов изгледа како да сме решиле да ја измериме висината на планината според дебелината на папката во архивата. Високото образование не е високо затоа што има дебели папки во архивата Реформата можеби ќе донесе квалитет. Можеби ќе исфрли инертност. Можеби ќе создаде конкуренција. Но, ако внимаваме само на бројките, ќе почнеме да произведуваме научници што пишуваат за да преживеат – наместо професори што предаваат за да создадат. А знаењето?Тоа и понатаму нема да има мерна единица. И можеби е добро што е така.Зашто ако некогаш почнеме да го мериме во сантиметри, ќе значи дека сме го намалиле.

    3 min

About

Подкаст на goce.mk