Обични луѓе

E40 – „СТИСНЕТЕ ЖЕЛБА: ЛУЃЕТО ШТО ГЛЕДААТ НА КАФЕ, ТАРОТ И НАТАЛНИ КАРТИ“

Луѓе со необично хоби и дарба, да ја толкуваат судбината преку различни канали: кафе, тарот или натални карти. Не се чудаци или шарлатани, само го знаат она што сите го знаеме – дека луѓето, и оние обичните и оние необичните, сакаат да пронајдат некој ред во хаосот и своето место во светот. Григор, Љупчо и Гордана, повеќе како психолози а помалку како „гледачи“, само им помагаат во тоа.

Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.

Музика – Celestial Frequences (генерирана со ВИ)

Григор:
– Си дојде ти спремна… (смеење).
– Не, не, не, жими се.

Илина:
Беше топло августовско попладне кога седнавме во дворот на Григор во Лисиче. Се сретнавме за да ги видам неговите нови изработки – прекрасни парчиња накит направени од дрво, сушена мандарина или авокадо, со облици кои како да содржат тајни кодови. Понекогаш ги купувам за подарок ама после се премислувам, некако не ми се даваат.
Григор извади кафе, некој вид што прв пат го видов, инфузирано со црвено вино. Го направи како турско и откако го испи махинално ја сврте својата шоља. Го фатив на неспремно. Веднаш го пуштив мобилниот да снима, потсетувајќи се на претходни муабети дека гледа на кафе. Симболиката беше уште појака со оглед на тоа дека во виното е, нели, вистината. А мојата шоља се покажа баш добра.

(Common People)
Јас сум Илина Јакимовска. Во оваа, 40-та епизода од подкастот Обични луѓе, зборуваме со луѓе со необично хоби и дарба – да ја толкуваат судбината преку различни канали, кафе, тарот или натални карти. Не се чудаци или шарлатани, само го знаат она што сите го знаеме – дека луѓето, и оние обичните и необичните, сакаат да пронајдат некој ред во хаосот и своето место во светот. Григор, Љупчо и Гордана, повеќе како психолози а помалку како „гледачи“, само им помагаат во тоа.

Григор
– Вака, кај тебе на прва ова беше од баба останато и од тетка од сите. Ако имаш ова цуцлов долу, тоа значи дека ќе ти следува некоја парична награда, некое богатство што ќе ти дојде. Нас не учеа да гледаме од дршката, па во насока на часовникот. И јас сега со мала трема почнувам.

– Ја имам поголема трема, не се секирај. (смеење)

Илина
Од каде и како Григор научил да гледа на кафе?

Григор
Не знам кај нас во фамилија уште како мали деца, се собиравме. Дали некој настан, роденден. Баба ми беше таа што ни гледаше на сите. Веројатно од баба ми научивме сите. Мајка ми, тетките, па и јас. Така дојдов во допир со читање во шоља кафе.

Илина
Григор раскажа и анегдота во која предвидувањата на баба му се покажале како точни, што ми дава за право дека ќе се исполни и мојата.

Григор
Се сеќавам дека беше тоа негде 97-ма. Се возам со автобус одам накај баба ми. И во автобусот се гледаме со една девојка. Многу убави погледи, се смешка она, се смешкам јас. Доаѓа мојата станица, се симнувам. И како продолжува автобусот, така девојкава ми мафта од автобус. Ја приметив, многу ми се засвиѓа.

Одам кај баба ми, ми гледа на кафе. Ми раскажува што ми раскажува. Стискам желба, да ја видам повторно. Желбата ми се исполни ја видов уште еднаш-два пати не и пријдов никогаш. Се до една година подоцна, не собираат другарите од дома да одиме до средсело наше во Лисиче. Излегувам на улицата тука гледам еден поранешен школски другар, сестра му и до нејзе е девојката. И он застана, си прај муабет со мене. Викам супер ама да не’ запознаеше со девојкиве. Не запозна, се дружевме неколку дена. веќе викенд дојде, да излеземе, излеговме со девојката. Седиме во Жена парк, така некоја тензична ситуација, немаш многу што да си кажеш. И викам јас тебе те знам, од тогаш и тогаш. Не, нема шанси како вика. Викам, не знам како да ти докажам само да те прашам дали ги имаш тие и тие патики, и ги запамтив патиките и ги опишав. И така почнавме да одиме и тоа ми беше првата девојка со којашто се гледавме, две години. Значи сепак се исполни желбата баба ми што рече дека ќе се исполни.

МУЗИКА

Љупчо: Првата карта… првата карта ни носи значење за тоа како ти го гледаш твоето семејство, што очекуваш од него, на што се надеваш, едноставно твоите гледишта за твоето семејство во овој момент. Втората карта ќе биде па обратното – што сметаш дека твоето семејство очекува од тебе, како те гледа во улога дали на жена, на мајка, на пријателка, другарка. И третата карта ќе ја толкуваме во смисла како мост меѓу овие две, односно што можеш ти да правиш ете за да се подобруваат односите во семејството, што би можело семејството да прави, односно што можеш да очекуваш од нив да прават. Така да, одиме со ред.

Илина
Ова е Љупчо Нечовски, по професија преведувач, по хоби пејач, евровизиски фан и, како што самиот се нарекува, картоман. Зборот „гледач“ за него е навредлив, бидејќи отворањето карти според него е повеќе канал за помогната интроспекција отколку гледање во иднина. Од тројцата соговорници во оваа епизода, неговиот однос кон сеансите е најпрофесионален, оние на коишто им отвора карти ги нарекува „клиенти“, а има и посебна инстаграм страница _instarot_.__

Љупчо:
Па со тарот почнав да се занимавам уште при крај на средно школо, така на некои мои 17-18 години. Би рекол уште и пред тоа, уште од мали нозе како многу мало дете многу ме интересираа да речам окултн