Обични луѓе

Ilina Jakimovska
Обични луѓе

"Common People" is a podcast dedicated to real stories. Or ones that balance on the thin line between documentary and fiction. Life stories. Archive ethnographic notes and interviews. Talks and discussions. (in Macedonian)

  1. FEB 2

    Е37 – Од Холивуд Хилс до Вардариште: пожарите и храбрите луѓе што ги гасат

    Над 2500 интервенции годишно, некогаш и по пет дневно. При големи пожари и по 12 часа на терен. Голтање чад, запалено рамо, за малку одбегнат пад во провалија. Ова се дел од искуствата на Кристијан Илов, пожарникар-спасител. Со него зборуваме за ризиците од пожари и статусот на оваа професија во Македонија. Од другата страна на Атлантикот, репортажа од пожарите во Лос Анѓелес од нашиот режисер Дарко Митревски, кој веќе 18 години живее во овој град. Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме. Kристијан: Мислам дека сите колеги што ќе ги прашаме, мислам дека никој не бара да нè рачунаат како херои, посебни луѓе, ние сме сите обични луѓе. Илина:Ова е гласот на Кристијан Илов, чиј опис на сопствената професија идеално се вклопува во насловот на нашиот подкаст. Но тој и не е баш точен. Затоа што Кристијан и неговите колеги влегуваат онаму кадешто повеќето обични луѓе не би се осмелиле. Музика – Common PeopleИлина: Директен повод за оваа епизода се големите пожари во Лос Анѓелес, на чија територија има големи природни предиспозиции, и за пожари и за поплави. Но потенцијалните ризици стануваат реални кога во приказната ќе се замешаат лошите политики и институционалната негрижа. Јас сум Илина Јакимовска, а во 37-то издание на Обични луѓе ќе можете да слушнете како стојат работите на оваа тема во Македонија и дополнително, преку специјална репортажа од САД, ќе проследиме како изгледале првите денови од ширењето на катастрофалниот пожар во Ел-еј и кои се веројатните причини за него. (музиката запира) Илина:Кристијан има 30 години но изгледа како да нема повеќе од 22-3. На разговорот се појави насмеан, свеж и многу релаксиран. Завршил средно економско во Борис Кидрич, а сега е запишан на вонредни студии по психологија. Тоа веројатно дополнително ќе му помогне да се соочи со сите предизвици на професијата, која не секогаш подразбира само мускули и физичка издржливост, туку и справување со паника и стрес, и кај себе и кај другите. Кристијан:Meне многу пати луѓе ќе ме прашаат нели ти е страв. Нас сите ни е страв, нема човек кој нема страв. Меѓутоа ние низ таа обука и низ тие вежби учиме стравот да го контролираме во смисол не да ни биде тој, не да не движи стравот, туку тој да нè одржува свесни за секој чекор што го правиш. Илина:Кога се подготвував на интервјуто, на различни форуми наидував на прашање „Како се станува пожарникар“? Одговорот е дека најпрвин се проаѓа курс (шест месеци теорија, шест месеци практична работа), со континуирано тестирање и оценување, а по неговото завршување се чека конкурс. Запрашан за тоа дали има вистина во некои онлајн коментари дека и во оваа професија главни за вработување се врските и партиската припадност, Кристијан не одговори директно, но многу илустративно опиша низ што сè треба да се мине низ еден таков конкурс. Кристијан:Конкурсот се состои од четири дена. Првиот ден е физички проверки за една минута склекови колку можеш. За една минута стомачни. Јаже 4м треба да го качиш/симнеш. Згибови десет, скијачко столче десет. Тоа е првиот ден. Вториот ден имаме трчање, 2800 м за 12 минути, нели нормално од 2800 колку можеш и повеќе да истрчаш. Третиот ден имаме во бригадата кадешто се качуваме со кукача, таа е вид на скала од приземје на први, од први на втори надворешно качување, потоа со целосна опрема и 2 апарати, тие се 13 кила еден, значи 26 кила во раце и опремата уште десетина-петнаесет кила, треба да се качиш од приземје до шести и надоле без престан. Потоа имаш интервју кадешто се поставуваат три прашања, општокорисно, стручно и уште едно…опширно, животно, нешто така беше. Имаш и писмен дел, зависи, на пример мене ми се падна барање за лична карта да ми се и

    40 min
  2. 12/15/2024

    „Нашата Рајна Алексова – првата фармацевтка на Балканот“

    Дали знаевте дека една битолчанка завршила фармација на Универзитетот во Лозана во далечната 1906-та? Низ перото на авторката на романот „Сагата за Рајна“ ја гледаме како до доцна во ноќта одржува ред помеѓу порцеланските авани, аптекарските ваги и мензури. Со одмерени движења, без брзање, работи на нов рецепт и го запишува во својот дневник. Мадам Рајна Алексова, Македонка, чиј живот е и хроника на турбулентата историја на Балканот, полн трагедии, но и со револуционерни подвизи како нејзиниот. Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме. (џез преработка на „Битола мој роден крај“) Илина:Често одам во Битола и кој знае колку пати сум поминала пред некогашната аптека на семејството Алексови, без да ја знам неговата приказна. Историјата се нештата што ги знаеме, но и оние кои ни се пред очи а не ги гледаме, за кои не сме слушнале затоа што за нив се раскажува тивко и без вообичаената помпа околу славните личности. А оваа личност секако заслужува да биде таква. (џингл – Common People) Јас сум Илина Јакимовска. Во оваа, 36-та епизода од подкастот Обични луѓе зборуваме за Рајна Алексова, првата фармацевтка на Балканот, Македонка од Битола, која со ваквата диплома се стекнала во Лозана, Швајцарија во далечната 1906-та. Подгответе се за мешавина од историски податоци и малку фантазија, која ги пополнува празнините во нашето знаење за оваа исклучителна жена. Оља:Јас сум утрински човек. Станувам рано. За мене утрата се најубавиот дел од денот. Па особено доколку се будам пред другите, па имам малку време сама да си бидам со себе. Во тој период го користам, дали да се напијам кафе, дали да подготвам нешто за децата, пошто јас сум значи љубител сум и на готвењето и на здравата храна, така да кај нас дома се јаде само нешто што е подготвено и спремно дома. Дали смути спремам, дали чиа пудинг. Меѓутоа, тоа јас го правам, веќе, пошто е години во прашање – махинално. Позадината се моите мисли, значи тука сум јас сама со себе и јас размислувам. И со нетрпение го очекувам почетокот на утринската програма на Македонската телевизија, ова како реклама ќе дојде, меѓутоа навистина гледам Македонска телевизија и ја гледам утринската програма, и толку…веќе толку години ја гледам, што луѓето што работат, што ја водат утринската програма ги доживувам како да ми се пријатели и покрај тоа што не ги знам.И така беше и тоа утро, значи „на денешен ден е родена Рајна Алексова“ и сега иде у позадина јас го слушам тоа, ги правам овие моиве секојдневни работи, коишто си ги спремам, подготовки за утрото, и покрај тоа што тогаш не идевме на училиште, беше у период на корона, меѓутоа сепак им спремав на децата, а јас меѓу другото имав корона, во тој период. И слушам на денешен ден е родена Рајна Алексова и слушам колку таа била значајна жена, како таа била првата жена на Балканот која што завршила факултет по фармација, меѓутоа тоа сето не ми иде со годината која што ја слушам, дека завршила факултет во илјада деветсто и шеста година, викам Македонка наша завршила факултет, во Лозана, живеела во Битола, илјада деветсто и шеста година, викам јас ова морам да го прочепкам малце, да го истражам и така пошто имав време… си бев дома, нели нормално, бевме затворени и јас седнав да читам за Рајна. Оља Петрушевска-Томева Илина:Ова е гласот на Оља Петрушевска – Томева, авторка на романот „Сагата за Рајна“ од 2022-та. Како што слушнавме, нејзината прва средба со ова име било случајно, исто како и мојата. Jaс за Рајна прв пат слушнав преку кампањата на Младинскиот национален совет, „Биди чудо од девојка“, во чии рамки е развиен сет на друштвени игри, наречени „Бунтовнички“. Преку флеш картички со факти или играњето меморија,

    29 min
  3. 10/20/2024

    Е35 – „Синестезија: зборови како бои, броjки како спирали“

    Каква боја ви има има зборот „секогаш“? Дали буквата С е во машки или во женски род? Можете ли да пресметувате на памет, служејќи се со низа бројки во спирала? Ако одговорот е да, тогаш имате облик на синестезија, оваа епизода е токму за луѓето како вас. Ако одговорот е не, ѕирнете во живописниот свет на синестетите. Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме. (оригинална музика) Илина:Далечната 9-та епизода од овој подкаст беше посветен на феноменот на афантазија, неможноста за визуелно замислување, која го отежнува препознавањето лица и снаоѓањето во простор. Оваа, 35-та епизода, ја посветуваме на спротивното – синестезија, спојување на ефекти на повеќе сетила во едно. (Common People) Jaс сум Илина Јакимовска. Во оваа епизода на подкастот „Обични луѓе“ зборуваме со Марко Петрушевски, кој до својата триесетта година мислел дека се сите како него. Дека и тие гледаат букви и зборови како бои и памтат настани со тоа што ги сместуваат на ментална спирала. Дали ова за него е супер моќ или се уште нешто нормално? Бидете така. (звуци – гужва на изложба) Со Марко се запознав случајно, на изложба на заеднички пријатели во спарната атмосфера на Чифте амамот. Сцените од видео инсталациите се прелеваа со звуци, а џагорот на присутните ја обојуваше атмосферата. Муабетот некако сврте на претходна епизода на овој подкаст, оној за афантазијата. „Јас го имам обратното“, рече Марко и почна да ја опишува својата синестезија. Веднаш се знаеше дека ќе ми биде следен соговорник. И местото на следниот разговор беше некако симболичен – книжарницата Буква, збор кој за мене асоцира на црно, веројатно поради црното мастило со кое се печатени. Но асоцијациите на Марко не функционираат вака, со свесни асоцијации и мислење. Марко:Се работи за синестезија. Тоа е кога две сензорни регии во мозокот се меѓусебно поврзани. Се поврзуваат. Дали… сега научниците уште не знаат дали за време на детството, или претходно или е поврзано со генетска мутација, не се знае. Но е тоа, кога две регии во мозокот сензорни се меѓусебно поврзани и си помагаат најверојатно. Првпат забележав и обично е така со синестетите, забележуваат кога ќе видат дека всушност другите ја немаат таа способност. Јас за себе открив на триесет и нешто години дека ја имам. До тогаш си мислев дека сите луѓе ја имаат и дека така резонираат… Илина: Дека е нормално. Марко: Да. Дека е тоа нормално, да. Едноставно така сум роден. Потекнувам од уметничка фамилија. Татко ми беше актер и сликар и можда има нешто негово кое што се пренесло и направило и своја некоја адаптација во умот да се случи да тие две регии стапат у контакт некаков, не знам, сензорни. Илина:Секој синестет има свое, субјективно доживување на својата состојба. Каков вид синтестезија има Марко? Марко:Па има неколку главни и другите се мислам дека поттипови нивни. Јас имам две главни и еден таков поттип што неодамна го открив исто така. Првата се нарекува Grapheme number, колор бројчана каде што бројките и буквите и зборовите се во одредена боја тоест човекот ги претставува во одредена боја. Вториот тип е спатијалната каде што бројките и буквите, месеците, годините, ситуациите, годините се сместени во просторот. Обично е спирала, кај мене е спирала во просторот и на тој начин најверојатно помага да… помага човекот да ги памти поубаво работите, да калкулира, да манипулира со нештата и така. Илина:Иако во својата глава има прецизна претстава за нештата, кога треба да ги објасни и вербализира на Марко понекогаш му е тешко да ги најде вистинските зборови. Често морав да го допрашувам за детали за да ми стане јасно. Сепак, доживувањата на синестетот за оној к

    19 min
  4. 07/14/2024

    Парцели, меѓи и секирчиња: стресната професија геодет

    Во минатото кога некој спорел меѓа, му заврзувале торба со земја околу вратот и тој морал да се заколне со зборовите: „Како што тежи земјава, така да ми тежи врз гробот ако лажам“. Не секој се одлучувал на вакво заколнување ако не бил 100% сигурен во тоа што го кажува.Денес наводно имаме посигурни методи за мерење на парцелите, нивите, дворовите. Но геодетите работат во систем кој е често хаотичен, недефиниран и кој ги фрустрира сопствениците. Тие, во својата нервоза, знаат да им извадат и секирче. Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме. (звуци на градилиште) ИлинаСекој кој се занимавал со какво и да е имотно прашање во Македонија знае колку тоа може да биде комплицирано. Особено кога нешто се наследува, може да се случи да се појават фантомски нелегализирани квадрати, наводно спорни меѓи, комшии кои со ќутенката зазеле повеќе простор отколку што требало.Ваквите проблеми знаат да бидат трауматични и да го пореметат животот и здравјето на неколку генерации. Но кога нештата ќе се комплицираат, тоа е повод да се сетиме дека постои една кај нас недоволно позната професија – геодет.(Common People) Јас сум Илина Јакимовска, а ова е 34-тата епизода од подкастот Обични луѓе. Останете со нас, за да ги исцртаме аудио меѓите на оваа епизода. СтефанГеодетот би го дефинирал као професија… личност што се занимава со мерење на земјата. Буквално парче земја, као нива или двор или било шо и да е, таа се мери со посебни инструменти, тие што сте ги гледале на улица, тотални станици се викаат. Тие мерат агли и должини мерат. И врз основа на тие две мерки уствари се пренесува се транслатира во координатен систем, точки што го дефинираат обликот на парцелата или на нивата. За да може као на пример за катастарски цели да може да се одредат димензиите на нивата или дворот, да се одреди површина, класата на земјиште и све останато. Така да тоа е геодезијата као наука, као… Тоа е интересен факт, таа почнала за време на Египет кога Нил им ги поплавувал нивите и не знаеле кој до каде му е нивата. И пред тоа да се десело шо се дешавало секоја година они развиле начини како да си ги измерат уствари кај им се меѓите од нивите. И кога ќе излезел Нил, водата кога ќе го поплавела земјиштето и кога ќе се врател Нил назад во неговото корито за да можеле да ги вратат границите на нивите и да знаат чива нива каде, до шо е. Така се развила и геодезијата као наука во тоа време и денеска за тоа и се користи углавном. ИлинаОва е Стефан, кого го консултиравме кога и самите се обидувавме да истераме правдина околу имотно прашање. Се уште млад, тој веќе има прилично искуство со тоа што значи да си геодет, и уште поспецифично, што значи да си геодет во Македонија.Но како воопшто посакал да се занимава со оваа професија? Стефан:Тоа беше сосема случајно затоа шо јас сакав да идам на архитектура, но го утнав рокот кога требаше да биде уписот архитектура. Сите знаат архитект што е и кога доаѓа тој упис, одма се полни квотата и додуше остануваат луѓе шо не успеваат да се упишат. И немав време да го фатам… ми излегоа други работи тогаш и немав време да го фатам уписот и морав да барам план Б, шо… Се мислев долго време зошо знаев дека ќе биде нешто од Градежен факултет, но се мислев што би било од него. И се решив за геодезијата зошо е по… како да кажам, погеометриска наука, не толку математичка, погеометриска е него ли да речам не знам, градежниците или геотехничарите што се занимаваат со испитувања на јачини на предмети и други ствари. И така се решив за геодезија да студирам. ИлинаОној дел од геодезијата којшто нам ни е најпознат е катастарскиот. Но тоа е само еден од ограноците на оваа наука. СтефанГеодезијата с

    30 min
  5. 04/14/2024

    „ТЕА, ДЕВОЈКАТА СО КОКТЕЛИТЕ“

    ЕПИЗОДА 33 – Tранскрипт Во ова издание зборуваме со Теодора Николиќ, која неодамна победи на 15-тото државно првенство на бармени на Македонија и ќе нè претставува на Светското во Португалија. Во текот на подготовката на оваа епизода се отвори и „Моно“ – коктел бар за којшто таа го има осмислено концептот и специјалните коктели. Прво слушнете ја епизодата, а потоа дојдете да наздравиме со едно „хараџуку“. Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме. Muzika – Cassiopea (јапонска фјужн група од 1970-тите) Илина: До скоро моето познавање на коктели се состоеше од мешање џин со тоник или – покомплицирано – правење Аперол шприц. Но откако вработената во маалската продавница за алкохол ми го препорача реалното шоу „Дринк мастерс“ на Нетфлис, светот одеднаш се смени. Сфатив дека има нешто што се викало инфузирање, дека постоjaт шишенца со пипета со горчливи капки – битерси, дека некои комбинации трпaт тресење a други само нежно мешање. Наскоро почнав да претворам унци во милиграми и преку пријатели да нарачувам пијачки од странство што ги нема кај нас. Кујната почна да личи на бар, а алкохолот стана нешто со што можеш да креираш, да раскажуваш приказни. (Common People)Јас сум Илина Јакимовска, а ова е 33-тата епизода од подкастот Обични луѓе. Велат дека секој коктел е онолку добар колку што е добра неговата најлоша состојка. Но дури и одлични состојки можат да звучат како раштиман оркестар ако не се погодат нивните пропорции и вкусови. Коктел мајсторот оттаму треба да е по малку и хемичар и уметник и зен-мајстор. А исто така помага ако е – психолог. Во ова издание зборуваме со Теодора Николиќ, дипломиран психолог и коктел мајстор, која неодамна победи на 15-тото државно првенство на бармени на Македонија и ќе нè претставува на Светското во Португалија. Во текот на подготовката на оваа епизода се отвори и „Моно“ – коктел бар за којшто таа го има осмислено концептот и специјалните коктели. Теодора:Па прво почнав да работам како келнерка. Имав петнаесет години и отвори мајка ми бар, „Коузи бар“, не знам дали сте биле. И на отварањето работев како перач на чаши внатре во шанк. И се појави една девојка, Јана, која што тогаш беше шефица во „Кантина“… „Кантина“ е во Дебар маало еден локал и ме праша – дали си лав во хороскоп? И јас ѝ реков – да. И она ми рече – ќе работиш у „Кантина“? Јас ѝ реков – океј (се смее). И сега ова навидум изгледа многу смешно ама така уствари почнав со работа во „Кантина“. Почнав да работам како келнер. И ако Јана слуша у моментов ќе знае дека ја убивав да работам во шанк. Значи толку ја молев, преголема желба имав и цело време ги гледав луѓето шо работат во шанк и после некое време едноставно се случи. Илина:Исто како што познатите готвачи често знаат да ни ги скршат илузиите за гламурозноста на нивната професија, и Теа е реална околу тоа што е најважно кога работиш зад шанк. Теодора:Би рекла дека осумдесет посто од работата во шанк е чистење и одржување хигиена и за мене е најбитното нешто во однос на работни обврски во шанк заради тоа што е како еден вид на дом (се смее) шо се десет квадрати, еве најмногу нека се десет, во кој што работат максимум шес луѓе. И ако не се одржува хигиената е исто како да не си го одржуваш домот. Затоа шо си секој ден таму, секој ден…. Илина:Дека правењето коктели има врска со готвење покажува и самата инспирација на Теа да почне да се занимава со оваа работа. Теодора:Во однос на коктелите и комбинирање на вкусови и баланс на повеќе супстанци мислам дека тоа повеќе доаѓа од мајка ми и татко ми поради тоа шо и двајцата готват премногу… и брат ми готви. Мислам брат ми е помал од мене ама сепак вреди да се спомне дек

    22 min
  6. 01/21/2024

    „Семејството Малахови и нивната македонска мисија“

    Повеќето приказни визуелно можат да се прикажат како отсечка, со јасна појдовна станица, линеарно траење и крај. Некои повеќе личат на концентрични кругови, каде еден настан поттикнува втор, па трет, па четврт. Приказната за семејството Малахови повеќе потсетува на сликарството на руската авангарда – можеби на еден Малевич или на Кандински. Во неа има историски превирања, авантури, љубов, неочекувани пресврти и мистериозни парчиња. И сето тоа поврзано со Македонија. Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме. Епизода 32 – Транскрипт(руска класична музика, звуци на ветер и студ)Илина:Самиот поглед на картата на областа Архангелск на крајниот север на Русија прави да ти влезе студ в коски. Главниот град со истото име бил значајно пристаниште и трговски центар, но и почетна точка за бројни експедиции за истражување на северот – Баренцовото море, Арктичкиот Океан и Северниот пол. Oд тука ќе започнеме една нова експедиција, oвој пат кон југ. (Common People) Јас сум Илина Јакимовска. Во триесет и втората епизода од подкастот „Обични луѓе“, од тајгите на рускиот север ќе се преселиме најпрвин во шумите на нашето Поречје, па на улиците и во институциите на поствоено Скопје, а од таму во сите правци на светот. Водичи на оваа експедиција ќе бидат членовите на семејството Малахови, чиј удел во македонската култура до скоро не беше доволно познат. Сè до една изложба и нејзините четири авторки. (руска класична музика) Илина:Повеќето приказни визуелно можат да се прикажат како отсечка, со јасна појдовна точка, линеарно траење и крај. Некои повеќе личат на концентрични кругови, каде еден настан поттикнува втор, па трет, па четврт. Приказната за семејството Малахови повеќе потсетува на сликарството на руската авангарда – можеби на еден Малевич или на Кандински. Разиграните форми како да ги ништат геометриските конвенции, боите се прелеваат, а сликата понекогаш има таква длабочина што различните облици, согледани заедно, формираат тродимензионален холограм. Како да се раскаже една ваква животна сторија, без да се направи неправда кон нејзината повеќеслојност? Ќе се обидеме, онака како што тоа го сторија Лина Жила, Јасмина Дамјановска, Љубица Велкова и Јасминка Намичева. Тие се авторки на изложбата под наслов „Македонската робинзонијада на семејството бегалци Малахови“, која се отвори на 19 октомври 2023 во Музејот на град Скопје. Пред да присуствуваме на нејзиното отворање имавме слушнато само за името на Марија Малахова, авторка на еден илустриран албум на македонски народни носии, кое звучеше како да е руско. Не знаевме ниту како се нашла во Македонија, ниту пак каде заминала од тука. И самите авторки на изложбата на почетокот не знаеле многу повеќе. Она што сепак можеле да го претпостават се причините зошто е тоа така. (музиката престанува) Лина ЖилаКога ние почнавме нашата изложба ние мислевме дека имаме работа со руската имигрантка бидејќи беше периодот на граѓанската војна во Русија после 1917 година и дел на Русите избегале од својата држава. Количината на бегалци беше огромна. Целата Европа и целиот свет можам да кажам беше преплавен со руските бегалци, но кое што оставиле на пример овде во Македонија огромна трага. Вие се шетате низ градот… кој ја знае арапската куќа? Да. И? Тоа кој изградил? Руски имигрант Иван Артјомушкин. Таа основната зграда која што гледате реклама „Пивара“ на плоштадот. Рубинова… ова палатата… Ристевичева палата, Русинот ја изградил. Значи кога ќе погледнете целиот центар, кај паркот нели знаете таа прекрасна зграда, пак Иван Артјомушкин ја изградил. Значи кога они дошле овде се нашле дека нема подготвени кадри. Нема кој да гради, нема кој т

    41 min
  7. 11/19/2023

    Елена и Антонио: луѓето што со часови трчаат по планини и уживаат во тоа

    Нашите соговорници во оваа епизода одат контра црногорската поговорка „Ако можеш да седнеш зошто да стоиш, и ако можеш да легнеш зошто да седиш“. Тие трчаат, ниту бегајќи од нешто, ниту пак за да победат. Едноставно, скајранингот, или екстремното планинско трчање, им е начин да работат на себе. И успеваат во тоа. Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме. Е31 – Транскрипт (звуци на трчање на трева) Илина:Во книгата „Родени за трчање“ американскиот тркач и писател Кристофер МекДугал го опишува изолираното племе Тарахумара, кое живее во кањоните на северо-западно Мексико. Тој се восхитува на способноста на овие луѓе да истрчаат, во еден здив, дистанци од над 150 километри со неверојатна брзина. Трчаат речиси боси, со обични сандали и ретко се повредуваат. Тарахумарите не се супер-луѓе – и оние „обичните“ се направени за да можат да издржат долго трчање, вели МекДугал. Да ме видел како трчам по двојка на Партизанска сигурно би го сменил мислењето. Но да ги видел нашите денешни соговорници, би рекол – „Ете, гледаш?“.(Common People)Илина:Во епизодата број 31 од подкастот „Обични луѓе“ се запознаваме со двајца за наши сфаќања прилично необични луѓе. Тие одат контра црногорската поговорка – ако можеш да седнеш зошто да стоиш, и ако можеш да легнеш зошто да седиш. Тие трчаат, и тоа замислете, од ќеф.Елена:Здравo! Јас сум Елена Ртоска, имам дваесет и четири години, сум од Прилеп и моментално живееме во Охрид. По професија сум… и работам како софтвер инженер и слободното време го трошам во трчање на планина. Антонио:Јас сум Антонио Каранфиловски, исто од Прилеп. Како шо спомна Елена, живееме во Охрид. Имам завршено, дипломирано компјутерски науки и инжењерство. Пет години работам како андроид девелопер. Илина:Елена и Антонио се партнери и во трчањето и во животот. Физички Елена е грациозна и тенка. Антонио делува силно, но не како некој што крева тегови и е на протеински прашоци. Делуваат смирено и ускладено, како да не брзаат никаде.Како почнале и кој од нив бил прв во нивното необично хоби? Антонио:Поединечно беше тоа. Јас почнав нешто порано. Почетоците во планинското трчање конкретно, претходно сум спортувал карате, кик бокс и други спортови, потоа планинарење. И како еден премин од планинарење во планинско трчање, тоест побрза форма на планинарење, беше планинското трчање конкретно. Тоа беше негде две и петнаеста година, а Елена ја запознавам две и седумнаеста. Елена:Да. Јас кога се запознав со Антонио почнав рекреативно да трчам, односно во две и седумнаеста година и тоа траеше две години, сѐ додека не дојде две и деветнаеста година натпреварот во државно првенство за скај ранинг (sky running) каде што освоив трето место и имав право да учествувам на европско првенство во Италија каде што можам да кажам дека главен иницијатор беше Антонио за тоа. И тогаш почнав поактивно да се бавам со планинско трчање односно со скај ранинг и повеќе се спремав, првично за натпреварот, после за секоја наредна трка. Илина:Пред да почнам да се подготвувам за разговорот со Елена и Антонио единствено што знаев е дека тие трчаат по планини. Но нештата не се толку едноставни – и во оваа област има категории и прецизни дефиниции за тоа што е што. Помеѓу тркачите од различна возраст и потекло има такви со поголем компетитивен дух, но има и луѓе кои ова не го сфаќаат како спорт со победници и губитници, туку како уметност на самодисциплина и надминување на стравови.Елена:Скај ранинг односно екстремно планинско трчање е форма на планинско трчање каде што теренот е многу потехнички. Има покарпести делови кои што треба да се истрчаат. Надморската висина може да достигне две илјади метри и наклонот на искачување т

    27 min
  8. 06/02/2023

    Жената што одржува гробови (и не се плаши од смртта)

    Гробиштата обично ги посетуваме на погреби, помени, на празници како Дуовден или Задушница, кога и ја објавуваме епизодава. Но има луѓе на кои гробиштата им се секојдневие. Запознајте ја Бети Недељчиќ, која одржува над 300 гробови во Бутел. Секогаш дотерана и насмеана, таа раскажува за „милионскиот град“ и неговите жители. Забелешка: „Обични луѓе“ е подкаст наменет за слушање. Во него е вграден голем труд за монтирање, музичка илустрација и течна аудио нарација. Транскриптот е наменет само како помошно средство, особено доколку архивските материјали се со понизок квалитет. Во сите други случаи ве поттикнуваме да ги слушате, а не да ги читате епизодите. Ви благодариме.С3Е10 – Транскрипт (aтмосфера од гробиштата) ИлинаВелат секој човек треба да посети барем еднаш годишно три места: болница, лудница и гробишта. Ако не се најде таму, тогаш тој е среќен човек.Прво што направив кога син ми почна да поставува прашања за смртта беше да го однесам на гробишта. После спокојната прошетка, вежбањето на азбуката читајќи ги имињата на покојниците и посетата на гробот на прабаба и прадедо, неговиот коментар беше: „Убаво место, пак да си дојдеме“. (Common People) Jaс сум Илина Јакимовска. Во оваа епизода од подкастот Обични луѓе ќе зборуваме со Бети, жена која има над 300, како што самата ги нарекува, клиенти во Бутел. Весела, секогаш дотерана и подготвена за муабет, таа понекогаш ги шокира оние кои ја прашуваат што е нејзината работа. Бети:Е па да се запознаеме прво. Јас се викам Елизабета (се смее). Управител сум на фирмата „Бети и Зоки“ – одржавање на гробови. Тоа го работам од 2001 година. Идејата не беше моја него идејата ја прифатив од еден бивши шеф шо беше во АД Бутел, сега он моментално е починат. Ја бев стечаен работник, останав дома и немав работа. И он ми се јави, ми рече – дали би сакала да чистам гробои? И ја тоа го прифатив. И така првиот мој муштерија беше Данчо Шутурков, уствари тетка Данче Шутуркова беше, неговата сопруга. Она беше првиот мој муштерија и она ми донесе уште седум – осум муштерии благодарение на тоа дека биле куќни пријатели. Така почна овој мој бизнис (се смее). Илина: А добро дали ти беше шубе во прво време, дека сепак гробишта, смрт, умрени, жално и така натаму. Имаше ли некое суеверие, те плашеше ли нешто? Бети: Не, воопшто ништо не ме плашеше, ова го прифаќам како секојдневен живот. Како дел од нашиот живот. Што е тоа жива вистина. Не се плашев меѓутоа првите моменти додека малце се очеличев, ако видев некои млади деца кои ги погребуваат ми беше многу жал. Али после малце се очеличев и сега ако видам таков случај, се тргам настрана. ИлинаКако изгледа еден нејзин типичен работен ден? Бети:Работам четири дена, значи рачунај четврток, петок, сабота недела, дури ако има потреба доаѓам кроз неделата, имаат роденден, имаат годишнина, имаат помени. Морам да дојдам да го исчистам затоа што врне, се прљаат, еве се гледа и морам да го исчистам. Во тој момент доаѓаат најблиските и сакаат да им е почисто. И доаѓам и преку неделата. Иначе еден типичен работен ден ми е една мопа, една канта, една метла, пет крпи и средства и тоа. Тоа е нашиот типичен работен ден.Постарите луѓе што се, постарите генерации они доаѓаат. Значи имаме луѓе константно кои што доаѓаат у неделата петпати. Има доаѓаат четири пати. Има луѓе доаѓаат секоја сабота. Идат луѓе секоја недела. Зависи. Има луѓе што доаѓаат нон-стоп. ИлинаГробиштата Бутел Бети ги нарекува милионски град, со исто толку приказни. Некои од нив се трагични, други, кога би биле филмови, можеби повеќе би личеле на трилери или на акција. На помените знаат да избијат караници помеѓу роднините, поради потиснати тензии или за поделба на наследството. Токму во моментот кога разговаравме на близок гроб длабок машки глас ги убедуваше останатите дека нема шанси да дели 7000 евра на човек кој не нашол за сходно дури ни да се појави и да оддаде почит. Гробот на Васил и Вера Хаџиманови Но за некои нешта кои ѝ биле отпрвин смешни Бети го сменила ми

    14 min

Ratings & Reviews

5
out of 5
2 Ratings

About

"Common People" is a podcast dedicated to real stories. Or ones that balance on the thin line between documentary and fiction. Life stories. Archive ethnographic notes and interviews. Talks and discussions. (in Macedonian)

To listen to explicit episodes, sign in.

Stay up to date with this show

Sign in or sign up to follow shows, save episodes, and get the latest updates.

Select a country or region

Africa, Middle East, and India

Asia Pacific

Europe

Latin America and the Caribbean

The United States and Canada